Корисничко име Лозинка Пријави се
14.10.2018

Во меч со многу нервоза, Вардар загуби од Келце

На гостувањето во Полска, македонскиот првак ја прекина перфектната низа во Лигата на шампиони

Македонскиот ракометен првак Вардар ја заврши перфектната серија од стартот на новата сезона во Лигата на шампионите, откако загуби на гостувањето кај Келце со 31:27. „Црвено-црните“ имаа четири победи во исто толку меча, но против Келце немаа сили да стигнат до „петка“.
Скубе и Дибиров со по шест гола беа најефикасни кај Вардар, а Шишкарев заврши со четири гола. Милосављев имаше 10 одбрани.
Вардар започна лошо на ова гостување. По првите 5 минути Келце поведе со 3:0, но потоа следи одговор на Вардар и со погодоците на Дибиров и Борозан намали на 3:2 во 7 минута. Потоа Келце повторно со добра игра успеа да дојде до 8:4 и 10:6. Во 14 минута следуваше неочекуван и непромислен потег  на еден од најдобрите играчи на Вардар, Вуко Борозан. Црногорскиот интернационаец со бокс удри еден од домашните играчи, а судиите веднаш му доделија директен црвен картон.
И без Борозан, Вардар добро парираше во првиот дел. Во 25 минута стигна само на еден гол негатива 12:13, а до крајот на полувремето остана тој еден гол негатива за Вардар (16:15).
По само пет минути во второто полувреме, се случи нов инцидент и исклучување, овојпат во таборот на Келце. Алекс Душебаев неспортски го турна Даниел Шишкарев и за тоа доби црвен картон. Во таа ситуација се вмешаа речиси сите играчи кои беа на теренот.
Резултатската неизвесност беше до 37 минута кога беше 18:17 за Келце. Тогаш домаќините со серија од 4:0 стигна до највисоката предност од 22:17 во 42 минута. Скубе со погодок на прекина низата на гостите, а во овие моменти се разбрани и Милосављев (8 одбрани).
Наместо да ги икористи овие одбрани на голманот, Вардар направи неколку грешки во нападот, а полскиот противник тоа го искористи и во 45 минута стигна до 24:19. И по оваа негатива, Вардар не се предаде. Во следните три минути направи серија од 3:0 и стигна до 24:22, но сепак Келце не дозволи до крајот Вардар да направи пресврт. Полскиот тим водеше во текот на целиот меч и на крајот победи.

Најнови вести