08.5.2014 Антиќ и следната сезона во Аталанта
Македонскиот кошаркарски репрезентативец Перо Антиќ и следната сезона останува да игра во Аталанта хоукс.
Според американските медиуми, раководството на Аталаната планира да го продолжи договорот со најдобриот македонски кошаркар. Антиќ во договорот со клубот од НБА-лигата има опција според која ќе може да остане во клубот уште една година, а Аталанта веќе планира нејзино активирање, што значи дека Македонецот ќе настапува во дресот на Хоукс и во сезоната 2014/15.
Антиќ и следната сезона ќе има загарантирани 1,25 милиони долари ако Аталанта до 15-ти јули се одлучи и понатаму да го задржи во својот состав.
Според медиумите, во клубот се задоволни од учинокот на македонскиот кошаркар во неговата дебитантска сезона во НБА-лигата, па поради тоа воопшто нема дилеми за продолжување на соработката.
Перо Антиќ е првиот Македонец што играл во НБА-лигата, каде што оствари просек од седум поени, 4,2 скока и 1,2 асистенции со реализација на 42 отсто на шутевите од игра.