15.8.2015  Траоре ново засилување за Астон вила 
   Досегашниот фудбалер на Барселона, Адама Траоре, прејде во Астон вила за 12 милиони евра, потврди премиерлигашот.  
 
 Траоре потпишал петгодишен договор, а Барселона ќе има опција да го врати деветнаесет годишниот напаѓач за десет милиони евра во следните три години.
„Голема чест ми е што дојдов во Астон вила. Клубот покажа големо интересирање за мене од почетокот на преговорите и се чувствувам како важен дел од новиот проект. Менаџерот Тим Шервуд инсистираше на трансферот во Астон вила и тоа ми делуваше примамливо“, изјави Траоре за клупскиот сајт. 
Траоре главно настапуваше за Б тимот на Барселона, а за првиот тим има четири настапи и постигнал еден гол.
Тој ги поминал сите јуниорски селекции на репрезентацијата на Шпанија, а за младинската селекција има одиграно десет натпревари.