Корисничко име Лозинка Пријави се
17.5.2016

Дебитантот Рашфорд и повратникот Вилшер на списокот на Хоџсон

Селекторот на фудбалската репрезентација на Англија Рој Хоџсон го објави списокот за подготовките за Европското првенство во Франција.

Во тимот се наоѓаат 18-годишниот Маркус Рашфорд, како и повратникот Џек Вилшер.
Овие играчи ќе бидат проверени во пријателските натпревари против Турција и Австралија, списокот ќе биде скратен на 23 имиња на 31-ви мај, а Англија потоа ќе игра против Португалија на „Вембли“.
Рашфорд е на списокот бидејќи во првата сениорска сезона за Манчестер јунајтед одигра 16 натпревари и постигна седум голови.
Вилшер се врати откако закрепна од повредата и заигра за Арсенал во финишот од сезоната, а во тимот повторно е повикан и Андрос Таунсенд поради добрата игра во Њукасл.
Поголемиот дел од репрезентацијата ќе се собере во среда на 18-ти мај, но фудбалерите од Манчестер јунајтед и Ливерпул ќе дојдат покасно, поради учеството во ФА Купот и финалето во Лигата на Европа.
На списокот на Рој Хоџсон се наоѓаат:
Голмани: Фрејзер Фостер, Џо Харт и Том Хитон.
Одбрана: Рајан Бертранд, Гери Кејхил, Натаниел Клајн, Дени Роуз, Крис Смолинг, Џон Стоунс и Кајл Вокер.
Средина на теренот: Деле Али, Рос Баркли, Фабијан Делф, Ерик Даер, Дани Дринквотер, Џордан Хендерсон, Адам Лалана, Џејмс Милнер, Рахим Стерлинг, Андрос Таунсенд и Џек Вилшер.
Напад: Хари Кејн, Маркус Рашфорд, Вејн Руни, Даниел Стариџ и Џејми Варди.

 

Најнови вести