Корисничко име Лозинка Пријави се
07.6.2016

Распродажба во Манчестер сити

Освен во Манчестер јунајтед, ова лето се очекува распродажба на играчите и во редовите на градскиот ривал Сити.

Претседателот на клубот Халдун ел Муабарак изјави дека ова лето се очекува заминување на поголем број на фудбалери бидејќи клубот сака да се посвети на развојот на младите играчи.
Новиот менаџер Пеп Гвардиола ќе го преземе тимот, а во клубот веќе го доведе германскиот фудбалер Илкај Гундоган за 21 милион фунти. 
Се очекува Гвардиола во првиот тим да доведе млади играчи од фудбалската академија на Сити.
„Мораме да ја одржиме рамнотежата меѓу она што до сега го изградивме и иднината. Мораме да имаме рамнотежа меѓу младите и искусните играчи, а сето тоа е во рацете на Пеп Гвардиола. Пеп има посебен начин на работа и тој сака неговиот тим да игра на посебен начин. Одредени играчи кои се вклопуваат, ќе дојдат во клубот, а има и играчи кои е време да си заминат. Ќе имаме некои промени во текот на летото, ќе вложиме средства како што секогаш сме вложувале во клубот и во екипата“, изјави Ел Мубарак за телевизијата на клубот. 
Претседателот на Сити наведе дека ќе му обезбеди средства на Гвардиола да направи тим кој ќе биде способен повторно да ја освои шампионската титула, да се бори за трофеите во домашните купови, да оди колку што може подалеку и да се обиде да ја освои Лигата на шампионите.
Гвардиола претходните три години го предводеше тимот на Баерн Минхен, а на клупата на Сити ќе го замени Мануел Пелегрини. Ел Мубарак изјави дека клубот се одлучил за Гвардиола поради успехот кој го постигнува со младите играчи. 
„Тој тоа го стори со Барселона, а подоцна и со Баерн. Пеп секогаш знае да пронајде талентиран играч, а такви имаме во нашиот клуб. Овие години нашите четири млади селекции ги освоија шампионските титули. Конкурентни сме во сите млади селекции и мислам дека Пеп ќе ужива во тоа. Би сакале во првиот тим да имаме максимален број на играчи од нашата фудбалска академија“, додаде Ел Мубарак.

Најнови вести