Корисничко име Лозинка Пријави се
27.6.2016

Хоџсон: Очајно сакаме да останеме на турнирот

Селекторот на Англија, Рој Хоџсон, изјави дека очекува тежок натпревар против Исланд и дека очајно сака да победи во продолжението на Европското првенство.

„Карактерот на луѓето од Исланд, одлучноста и способноста да ги преживеат тешкотиите - сигурен сум дека тоа е нивниот главен фактор за фудбалскиот напредок. Мораме да ја прифатиме улогата на фаворити, но многу добро знаеме дека ќе биде многу тежок натпревар“, изјави Хоџсон на конференцијата за новинарите во Ница.
Англија денес од 21:00 часот ќе се сретне со репрезентацијата на Исланд во последниот натпревар од осминафиналето на Европското првенство во Франција.
Според зборовите на селекторот, следниот дуел ќе биде исклучително важен за него, но и за нацијата.
„Секој резултат е значаен кога сте тренер. Нормално, овој натпревар ќе биде најзначаен за земјата. Очајно сакаме да останеме на турнирот, а за тоа нам ни е потребен добар резултат. Ќе сториме сè што можеме за да победиме“, изјави Хоџсон.
Тој изјави дека Исланд за добрите резултати голема благодарност му должи на секторот Ларс Лагербек, запрашан да одговори како толку мала земја успеа да игра толку добро на континенталниот шампионат.
„Искуството и мудроста која ја има Лагербек... Тој има способност да го организира тимот, да го извлече максимумот од играчите. Мислам дека му должат голема благодарност“, изјави Хоџсон.
Како што рече, многу е среќен за опциите кои ги има Англија во нападот.
„Среќен сум со изборот на напаѓачите. Никогаш не знам кого да го ставам во составот бидејќи тоа се луѓе кои одлично работат и тренираат. Ако нешто не функционира, знам дека имам многу добри опции на клупата“, зарвши селекторот на Англија.

Најнови вести