Корисничко име Лозинка Пријави се
05.9.2016

Рутински првенец на Розберг во Монца

Нико Розберг, возачот на Мерцедес, триумфираше на Големата награда на Италија, на 14-тата трка на овогодишниот шампионат во Формула 1.

Германецот до својата прва победа на легендарната „Монца“, седма оваа сезона, а 21-ва вкупно, дојде по рутинско возење од стартот до целта.
Второто место го зазеде неговиот тимски колега Луис Хамилтон, додека на третото скалило на победничкиот престол се најде Себастијан Фетел во Ферари.
Големата награда на Италија не пружи многу возбудувања, бидејќи беше решена практично на самиот старт. Хамилтон беше на пол-позицијата, но лошо стартуваше и падна на шестото место, што Розберг го искористи, брзо се одвои и без проблеми ја одржуваше предноста.
Иако Фетел и другиот возач на Ферари, Кими Раиконен во текот на првиот дел од трката го следеа Розберг, Хамилтон ги надмудри со тактиката од едно одење во бокс. Четирикратниот светски шампион стигна до подиумот, додека Раиконен мораше да се задоволи со четвртото место.
Најдобрите четворица ги следеше Даниел Рикијардо, возачот на Ред Бул, кој го изведе најубавиот потег на денот престигнувајќи го Валтери Ботас во Вилијамс во самиот финиш на трката. Седми беше Макс Ферстапен во другиот болид на Ред Бул, а освојувачите на бодови ги комплетираа Серхио Перез и Нико Хилкенберг, возачите на Форс Индија, меѓу кои се вметна Фелипе Маса во Вилијамс.
Благодарение на втората победа за осум дена, Розберг на седум трки пред крајот на сезоната своето заостанување во однос на Хамилтон го намали само на два бода.
Наредна трка во овогодишниот шампионат ќе биде Големата награда на Сингапур, која на програмата е на 18-ти септември.

Генерален пласман на возачите:
1. Луис Хамилтон 250
2. Нико Розберг 248
3. Даниел Рикијардо 168

Генерален пласман на конструкторите:
1. Мерцедес 498
2. Ред Бул 290
3. Ферари 279

Најнови вести