Корисничко име Лозинка Пријави се
29.9.2016

Енрике: Во Лигата на шампионите нема слаби тимови

Барселона добро се намачи за да дојде до триумфот во Менхенгладбах, а Енрике од тоа извлекол поука.

По првите 45 минути од натпреварот со Менхенгладбах, избраниците на Луис Енрике во својата мрежа имаа еден погодок, додека мрежата на противникот беше недопрена.
Дури со головите на Арда и Пике во средината на вториот дел од играта Барселона дојде до сите три бода во Германија, иако пред средбата важеше за голем фаворит.
Ако на тоа додадеме дека Манчестер сити одигра нерешено на „Селтик парк“, тогаш е сè појасно дека изјавата на тренерот на Барса дека во Лигата на шампионите нема слаби тимови е сосема на место. 
„Видовме колку е тешко да се победува на сите тие различни стадиони и во групата воопшто, што укажува на тоа дека сите тимови се речиси еднакви и дека нема слаби“, изјави Енрике по завршувањето на натпреварот во Гладбах.
„Наша цел е да го добиеме секој нареден натпревар. Ќе ја завршиме својата домашна работа“, додаде тренерот на Барселона.
Што се однесува до натпреварот со Менхенгладбах, Шпанецот изјави дека неговиот тим напаѓал од самиот старт на средбата.
„Создававме шанси од првото полувреме, па натаму, но некако имавме лоша завршница. Иако тие шанси не беа јасни колку што сакавме, не дека ги немаше. Потоа тие искористија една наша грешка, и тоа е нешто што го прават одлично, но во второто полувреме реагиравме. Тоа беше заслужена победа и награда за напорот што го вложивме“, изјави Енрике.

Најнови вести