Корисничко име Лозинка Пријави се
29.10.2016

Интер верува во Де Бур

Управата на Интер му даде целосна поддршка на тренерот Франк де Бур, и покрај тоа што екипата победи само четири пати во првите десет кола оваа сезона.

Де Бур го презеде Интер на помалку од две седмици пред почетокот на сезоната, откако Роберто Манчини неочекувано го напушти клубот поради, како што наведоа медиумите, недостиг на комуникација со новите сопственици, кинеската компанија „Сунинг“.
По десет одиграни кола, Интер се наоѓа на десеттото место на табелата и заостанува десет бодови зад водечкиот Јувентус. „Сино-црните“ претрпеа четири порази во првенството, како и два порази во три натпревари во Лигата на Европа.
„Многу сме задоволни од Франк де Бур. Тој прифати да дојде во клубот во последен момент и ситуацијата не е лесна. Ние сто отсто го поддржуваме“, изјави Мајкл Болингброк, извршниот директор на Интер.
Пјеро Аусилио, функционер на Интер, изјави дека управата не контактирала ниеден тренер.
„Се  нудат многу тренери, но клупата на Интер му припаѓа на Франк де Бур. Го поддржуваме и уверени сме дека неговиот фудбалски проект ќе биде победнички“, изјави Аусилио.
Потпретседателот на компанијата „Сунинг“, Јанг Јанг изјави дека Индонезиецот Ерик Тохир, кој пред три години го купи Интер од семејството Морати, ќе остане претседател на клубот.
„Многу сме задоволни од сегашното раководство. Тохир е наш партнер и во југоисточна Азија, каде што сакаме да се прошириме. Веруваме во него“, изјави Јанг.
„Сунинг“ во јуни презеде 70 отсто од Интер, а Тохир задржа 30 отсто.

Најнови вести