Корисничко име Лозинка Пријави се
31.10.2016

Хамилтон сè уште не ја дава титулата, славеше во Мексико

Луис Хамилтон, бранителот на титулата во Формула 1, триумфираше на Големата награда на Мексико, на 19-тата трка во овогодишниот шампионат, и со тоа ја одложи одлуката за шампион.

Британецот на патеката „Ерманос Родригес“ дојде до седмата победа оваа сезона, а 51-ва во кариерата, со која се изедначи со Ален Прост.
Второто место го зазеде Нико Розберг, тимскиот колега на Хамилтон од Мерцедес, додека на третото скалило од победничкиот престол се искачи Себастијан Фетел во Ферари кому му беше одземен пласманот по прегледот на трката поради непрописен дефанзивен маневар.
Хамилтон убедливо славеше во Мексико Сити, водеше од стартот до целта, со исклучок при одењето во бокс. Британецот стартуваше од пол-позиција и направи грешка уште по првата кривина, кога отиде широко, но бидејќи зад него дојде до мал контакт меѓу Розберг и Ферстапен, не мораше никого да пропушти и успеа да се одвои.
Зад актуелниот шампион, Розберг и Ферстапен некое време водеа голема борба, но Германецот беше исклучително сигурен и не дозволи најмладиот возач да го престигне. Но, Ферстапен во самиот финиш се погрижи да биде во центарот на вниманието, бидејќи Себастијан Фетел во Ферари вршеше притисок, а тој се одбрани така што излета од патеката во одбрана на позицијата.
Иако тимот од него бараше да го пропушти Фетел, младиот Холанѓанец не го направи тоа, дури и го забави Германецот, кого го стигна другиот возач на Ред Бул, Даниел Рикијардо. Постапките на тројцата во последните пет круга беа под истрага на дирекцијата на трката по што му беше одземено третото место на Фетел. Ферстапен низ целта помина како третопласиран, но не му беа веднаш додадени пет секунди на време, па на подиумот се најде Фетел, а по казната третото место му е доделено на Рикардо.
Кими Раиконен, другиот возач на Ферари,  го зазеде шестото место, пред Нико Хилкенберг во болидот на Форс Индија и пред Валтери Ботас, возачот на Вилијамс. Освојувачите на бодови ги комплетираа Фелипе Маса во другиот болид на Вилијамс и другиот возач на Форс Индија, Серхио Перез.
По победата на Хамилтон во Мексико, предноста на Розберг е намалена на 19 бодови на две трки пред крајот на сезоната. Наредната трка се вози за Големата награда на Бразил на 13-ти ноември, на патеката „Интерлагос“.

Најнови вести