Корисничко име Лозинка Пријави се
28.11.2016

Нико Розберг нов шампион на Формула 1

Германскиот возач Нико Розберг за прв пат во кариерата стана шампион на Формула 1, 33-ти во историјата на натпреварувањето.

Возачот на Мерцедес одолеа на притисокот во последната трка на сезоната, се избори за второто место во Абу Даби, зад тимскиот колега Луис Хамилтон, а пред Себастијан Фетел од Ферари и дојде до шампионската круна.
Розберг од првиот до последниот круг го следеше во чекор Хамилтон, кој ја забавуваше трката за да им овозможи на возачите на Ред Бул и на Ферари да го исфрлат неговиот ривал од подиумот, но не успеа, Германецот издржа.
Розберг оствари девет победи во 2016 година, сезоната ја отвори со четири победи, додека Хамилтон се мачеше со дефекти, бранителот на титулата прв пат славеше во Монако во шестата трка на сезоната, откако двајцата возачи на Мерцедес поради меѓусебен судир излетаа во Шпанија.
Доби седум од осумте трки во тој период и го презеде водството во генералниот пласман, но Розберг се врати на врвот со триумфите во Белгија, во Италија и во Сингапур по летната пауза.
Британецот славеше на трките во САД, во Мексико и во Бразил и го намали заостанувањето на 12 бодови, но не успеа да го надополни на „Јас марина“, каде што токму таму пред две години тој го доби Розберг во директна пресметка за шампионот, па останува на три трофеи.
Па така, со победа повеќе од тимскиот колега остана без круната. Розберг го повтори успехот на својот татко Кеке, кој во 1982 година исто така беше шампион на Формула 1, но како Финец. Две титули има само уште семејството Хил, Британците Греам и Дејмон.
Нико стана дури трет Германец кој е шампион на најбрзиот циркус на светот, по седумкратниот Михаел Шумахер и четирикратниот Себастијан Фетел.

 

Најнови вести