Корисничко име Лозинка Пријави се
05.12.2016

Неверојатен потег: Нико Розберг отиде во пензија!

Нико Розберг, новиот шампион на Формула 1, изјави дека одлучил да ја заврши кариерата само по пет дена откако го подигна највредниот трофеј во авто-мото спортот.

„Се искачив на својата планина, на врвот сум и ова се чини како вистинска работа“, објави Розберг на својот профил на „Фејсбук“.
Повлекувањето на 31-годишниот возач е едно од најголемите изненадувања оваа сезона, а одењето во пензија од шампионско место, секако, ќе биде потег запишан во историјата на спортот.
Германецот минатата недела ја освои првата шампионска титула во Формула 1, со пет бода пред тимскиот колега од Мерцедес, Луис Хамилтон. Розберг пехарот го обезбеди со второто место на трката во Абу Даби. Во текот на сезоната победи на девет трки.
„Во текот на 25-те години натпреварување, од мојата шеста, тоа беше мојот сон, мојата работа да станам шампион на Формула 1. Со многу труд, болка, жртви, тоа беше мојата цел. Успеав“, додаде Розберг во пораката која ја објави за своето повлекување.
Како што наведе, по победата во Сузука, откако одлуката била само во негови раце, почнал да размислува за повлекување, но и дека чувствува огромен притисок.
„Во неделата утрото во Абу Даби знаев дека тоа би можело да биде мојата последна трка, и тоа е чувство кое ми ги разбистри моите мисли. Сакав да уживам во секој момент, знаејќи дека тоа е можеби последен пат. Светлата се изгасија и ги извозив најинтензивните 55 кругови во животот“, изјави новиот шампион на Формула 1.
Розберг има 31 година, на 206 трки на Формила 1 оствари 23 победи и 57 пати се искачи на подиумот, а 30 пати имаше пол-позиција. Дебитираше во 2006 на Големата награда на Бахреин, првата победа ја освои шест години подоцна во Кина, а последната во октомври оваа година, во Јапонија на „Сузука“. Пред Формила 1, возеше јуниорска формула на БМВ, германската и европска Формула 3, како и ГП2 серијата. Освен за Мерцедес, во Формула 1 возеше и за Вилијамс.
Одлуката ја донел вечерта минатиот понеделник, по целодневно размислување.

Најнови вести