Корисничко име Лозинка Пријави се
07.12.2016

Зидан: Натпреварот со Дортмунд за нас е финале

Зинедин Зидан, тренерот на фудбалерите на Реал Мадрид, изјави дека неговата екипа во претстојниот натпревар со Борусија од Дортмунд во Лигата на шампионите влегува како да е финале.

Реал Мадрид вечерва, со почеток од 20.45 часот, на неговиот стадион игра против Борусија од Дортмунд, во натпреварот од последното, шесто коло на групата Г во Лигата на шампионите. На актуелниот шампион на Европа му е потребна победа за прво место во групата, бидејќи има два бода помалку од германската екипа.
„Тоа за нас е финале. На наш терен, пред нашите навивачи го играме последниот натпревар во групата и се надевам дека ќе прикажеме добра игра. Целосно сме сконцентрирани на натпреварот. Ќе се обидеме да го освоиме првото место во групата. Ќе видиме како можеме да им се спротивставиме, да дојдеме зад дефанзивните играчи и рано да постигнеме гол“, изјави Зидан, пренесе интернет-страницата на „Гол“.
На Реал би му бил доволен еден бод за да го изедначи клупскиот рекорд од 34 последователни победи во сите натпреварувања без пораз. Кралскиот клуб нема изгубено од април и од натпреварот со Волфсбург во четврт-финалето на Лигата на шампионите. На прашањето за променливата форма на напаѓачот Карим Бензема, Зидан изјави дека неговиот сонародник добро тренира.
„Тој е добар играч. Може да ни понуди многу повеќе, но тоа го може и остатокот од екипата. Во некои натпревари ни треба повеќе од Карим Бензема, но тоа не ме загрижува. Тој напорно работи, има добар став на тренингот и се обидува да одигра добро во секој натпревар“, додаде тренерот на Реал.
Бензема минатиот месец го постигна победоносниот гол против Спортинг во Лигата на шампионите, но навивачите и медиумите ја критикуваа неговата игра во големото дерби против Барселона минатата сабота.
„Тој нема проблем, може да игра добро, а во некои натпревари неговата игра е под очекувањата. Можеби против Барселона од него очекувавме повеќе... Но нема да судам за играчот кој можеби имаше само лош ден“, изјави Зидан.

Најнови вести