Корисничко име Лозинка Пријави се
27.12.2016

Венгер: Посебен гол, посебен центаршут

Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, изјави дека смета дека трпението на неговиот тим му донело важна победа на Боксинг деј.

„Топчиите“ славеја против Вест Бромич со минимален резултат, по двата пораза во Премиер лигата.
„Знаевме дека мораме да победиме по двата разочарувачки порази. Моравме да бидеме трпеливи против одлично организираниот Вест Бромич. Беа многу упорни, па не смеевме да направиме грешка. Кога нема да постигнеш гол рано, не смееш да брзаш“, изјави Венгер.
Победоносниот гол на Арсенал му го донесе Оливие Жиру, по центаршутот на Месут Озил на три минути пред крајот на натпреварот.
„Имаа голем посед на топката, доста шутеви кон голот, на крајот нам ни беше потребно нешто посебно. А тоа беа посебниот центаршут и посебниот удар со глава. Ова е интересен период од сезоната за играчите, важно е да се види како можат да се справат со тоа. Жиру вчера одлично реагираше“, додаде менаџерот на „топчиите“.
Стрелецот на единствениот гол изјави дека оваа победа е важна по двата порази.
„Озил испрати одличен центаршут, јас само ја завршив работата. Вчера покажавме заедничка моќ, силен менталитет. Беше важно да победиме за да ја покажеме таа моќ. Овие три бода ни беа потребни по претходните порази. Ова е големо олеснување“, изјави Жиру.
Арсенал го дели второто место со Ливерпул, кој има натпревар помалку, заостанува со девет бодови зад лидерот Челзи, а во следното коло го дочекува Кристал палас, во првиот ден од 2017 година.

Најнови вести