Корисничко име Лозинка Пријави се
06.1.2017

Билбао со двајца играчи помалку ја совлада Барселона

Атлетик Билбао ја совлада Барселона во првиот од двата натпревари од осминафиналето на Кралскиот куп.

Атлетик славеше со 2-1 во многу необичниот натпревар кој домашната екипа го заврши со двајца играчи помалку на теренот.
На полувремето Баскијците имаа 2-0 по головите кои во период од само три минути ги постигнаа Арис Адурис и Вилијамс по асистенцијата на стрелецот на првиот гол. Адурис беше прецизен во 25-тата минута, по доброто додавање на Гарсија, додека во 28-мата минута мрежата на Барселона ја затресе Ињаки Вилијамс откако му асистираше Адурис.
Само по седум минути игра во второто полувреме, Лионел Меси намали на 2-1 и изгледаше дека Барселона ќе го возврати ударот и ќе се врати на натпреварот. Но, не беше баш така. Екипата на Луис Енрике немаше сила ниту за изедначување, и покрај фактот што Атлетик во 74-тата минута остана без Гарсија, а потоа во 80-тата и без Итураспе, кој поради двојниот жолт картон натпреварот го заврши пред планираното време.
Реваншот на програмата е на 11-ти јануари, а резултатот за Билбао не е толку вреден колку самодовербата која ќе ја добие по овој триумф.
Барселона на натпреварот играше во својот најсилен состав, но ниту одличната тројка, Меси, Суарес, Нејмар, не успеа да ја пробие одбраната на Билбао.

Најнови вести