Корисничко име Лозинка Пријави се
21.2.2017

Азар: Никогаш не сум бил подобар, а сè поради Конте

Еден Азар, крилниот напаѓач на Челзи, изјави дека го живее најдобриот период во Лондон благодарение на менаџерот Антонио Конте.

Азар беше еден од најважните играчи во освојувањето на шампионската титула во сезоната 2014/15, но во наредната сезона, заедно со останатите играчи, разочара со лошите игри.
Во декември беше отпуштен менаџерот Жозе Мурињо, а екипата сезоната ја заврши на десеттото место на табелата и без пласман во европските натпреварувања.
„Секогаш е тешко да се вратиш по лоша сезона, но менаџерот промени нешто и се обиде да ни влее самодоверба. Овој е најдобриот период за мене откако дојдов во Челзи. Среќен сум“, изјави Азар.
Азар во 2012 година од Лил направи трансфер во Челзи и досега одигра 234 натпревари и постигна 65 погодоци. Со „сините“ ги освои Премиер лигата, Лига купот и Лигата на Европа.
Лондонскиот клуб летоска го презеде поранешниот тренер на Јувентус и селектор на Италија, а екипата моментно е прва на табелата со предност од осум бодови.
„Сите знаат дека минатата сезона не бев доволно добар. Но, на грешките се учи. Направив сè за да се вратам и сега сум на своето ниво. Добро ја почнав оваа сезона, подготвен, без повреди. Подобро е да играш кога си целосно подготвен. Сакам да уживам на теренот, мислам дека тоа е клучно“, изјави белгискиот репрезентативец.
Челзи во 26-тото коло на Примера лигата во сабота ќе игра на „Стемфорд бриџ“ против Свонси.

Најнови вести