Корисничко име Лозинка Пријави се
04.3.2017

Конте: Интер? Среќен сум во Челзи

Антонио Конте, менаџерот на Челзи, ги негираше пишувањата на италијанските медиуми дека добил понуда од Интер да ја преземе таа екипа следната сезона.

Италијанските медиуми шпекулираа дека некогашниот тренер на Јувентус веќе договорил соработка со „нераѕурите“.
Конте има тригодишен договор со Челзи, во којшто стигна минатата година, а изјави дека има долгорочни планови со лондонската екипа.
„Мислам дека мојата ситуација е јасна. Имам договор со Челзи. Се обидувам со овој клуб да направам нешто големо сега и во иднина. Обично, кога ќе стигнете во нов клуб, сакате да останете што подолго. Среќен сум овде, а единствено што ми недостасува е семејството, кое остана во Италија, но работам за иднината и се надевам дека ќе ги доведам овде“, изјави Конте.
Челзи игра многу добро оваа сезона, лидер е на табелата на Премиер лигата со десет бодови повеќе во однос на второпласираниот, екипата на Тотенхем.
„Не ми беше лесно кога стигнав, посебно по лошата сезона на Челзи. Но играчите покажаа голема желба да се борат и брзо да дојдат во ситуација да се борат за титулата. Важно е да се продолжи по тој пат, бидејќи и понатаму е сè возможно, а ние сакаме да останеме на врвот. До крајот на сезоната притисокот ќе биде голем, но мораме да живееме со тоа“, изјави Конте.

Најнови вести