Корисничко име Лозинка Пријави се
06.3.2017

Леверкузен го отпушти Шмит

Германскиот стручњак Роџер Шмит не е веќе тренер на Баер Леверкузен, тој доби отказ по убедливиот пораз на неговата екипа во натпреварот против Дортмунд во 23-тото коло на Бундеслигата.

Како што пренесоа некои британски медиуми, Шмит се споменува како можен наследник на Арсен Венгер во Арсенал.
Леверкузен во саботата, на „Сигнал Идуна парк“ во Дортмунд беше поразен со резултат 6-2, по што управата на „фармацевтите“ реши да ја прекине соработката со 49-годишниот Германец, кој првиот тим го водеше од 2014 година.
Баер ја игра најлошата сезона во последните 14 години, моментно се наоѓа на десеттата позиција на табелата дури со 11 бодови помалку од четвртото место, кое води во квалификациите за Лигата на шампионите.
Германските медиуми во декември мината година пишуваа дека Леверкузен го контактирал Јулијан Нагелсман, младиот тренер на Хофенхајм, но сè набрзо беше демантирано со потенцирање дека иднината на Шмит на клупата не е доведена во прашање. Шмит сега се споменува како евентуален наследник на Арсен Венгер на местото менаџер на Арсенал, но тој е само еден кој влегува во конкуренција за жешкото столче.
Шмит тренерската кариера ја почна во германскиот нисколигаш Делбрикер, но набрзо по Пројсен Минстер и Падерборн, отиде во Ред Бул Салцбург, каде што ги освои шампионатот и Купот на Австрија (2014). По завршувањето на сезоната, веднаш беше поставен за тренер на Баер Леверкузен.

 

Најнови вести