Корисничко име Лозинка Пријави се
08.3.2017

Робен: Покажавме сила во продолжението

Арјен Робен, фудбалерот на Баерн Минехн, изјави дека неговиот тим го преспал првото полувреме против Арсенал, но дека подоцна покажал сила.

Баерн и во реваншот во Лондон убедливо славеше над Арсенал со 5-1, за вкупни 10-2, и тоа по пресвртот во другиот дел со головите на Роберт Левандовски, Робен, Даглас Коста и двата на Артуро Видал.
„Првото полувреме не беше добро. Пред натпреварот зборувавме дека Арсенал ќе почне силно и тоа се случи, а ние спиевме. Ќе мораме многу подобро во четврт-финалето... Вториот дел од играта беше многу подобар, а пеналот и црвениот картон ни помогнаа, тоа го промени текот на натпреварот“, изјави Робен за „БТ Спорт“.
Холанѓанецот смета дека Роберт Левандовски бил фаулиран во казнениот простор на „топчиите“ и дека Лоран Косељни со причина бил исклучен.
„Јасни се правилата, Косељни беше последниот играч на одбраната. Одиме чекор по чекор, со двете нозе сме на земја. Не сакам да зборувам за финалето, до него имаме уште две рунди“, изјави Робен.
За разлика од Робен, Чаби Алонсо сака во финалето на Лигата на шампионите оваа сезона да се сретнат Баерн и неговиот поранешен клуб Реал Мадрид.
„Мислам дека Реал и Атлетико се двата најтешки ривали. За мене, идеално финале би било против Реал“, изјави Алонсо, кој со кралскиот клуб во 2013 година беше шампион на Европа.

 

Најнови вести