Корисничко име Лозинка Пријави се
04.7.2017

Евертон донесе две засилувања

Англискиот премиерлигаш Евертон доведе две засилувања во еден ден. Вчера на „Гудисон парк“ дојдоа одбранбениот фудбалер Мајкл Кин и напаѓачот Сандро Рамирес.

Кин дојде од Барнли за 30 милиони фунти, а 25% од трансферот му припаѓа на неговиот поранешен клуб Манчестер јунајтед, кој пак го сакаше во своите редови.
„Бев во искушение, тоа е мој клуб од детството, но понекогаш не смеете да го слушате срцето, туку да мислите на тоа што е најдобро за вас“, изјави Кин.
Тој како клучен фактор за доаѓањето во Евертон го истакна менаџерот на тимот Роналд Куман.
„Играше на мојата позиција, беше одличен центархалф и може многу да ме научи. Сакам да се развивам, имам само 24 години“, додаде Кин.
Второто засилување е младинскиот репрезентативец на Шпанија, Сандро Рамирес, кој дојде од Малага за шест милиони евра и потпиша четиригодишен договор.
„Ова е голем чекор во мојата кариера. Евертон е идеален клуб за мене, со идеален тренер кој ќе ми даде самодоверба и кој ќе ме подобри како фудбалер“, изјави Рамирес.
Рамирес во Малага помина една година во која постигна 16 голови на 31 натпревар, а претходно беше во Барселона од каде потекнува како играч.
Дваесет и едногодишниот напаѓач беше дел од младата шпанска репрезентација која на неодамна завршеното првенство во Полска играше во финалето.
Пред Кин и Рамирес во Евертон летово дојдоа уште тројца фудбалери - голманот Џордан Пикфорд, Дејви Класен и Анри Онјекуру.

Најнови вести