Корисничко име Лозинка Пријави се
20.7.2017

Челзи го купи Мората од Реал

Шпанскиот напаѓач Алваро Мората направи трансфер од Реал Мадрид во Челзи од Лондон, потврди клубот од „Стемфорд бриџ“.

Челзи не ги соопшти деталите на трансферот, но се шпекулира дека тој изнесува 80 милиони евра плус десет милиони преку бонуси, во зависност од неговите настапи во дресот на „сините“.
Мората има 24 години, освен за Реал, играше уште за Јувентус, а на 271 натпревар во кариерата постигна 103 голови. За „црвената фурија“ има 20 настапи и девет погодоци.
Лондонскиот клуб се реши да го доведе шпанскиот репрезентативец откако остана без Ромелу Лукаку во борбата за Манчестер јунајтед.
Се шпекулираше уште за Пјер-Емерик Обамејанг, Серхио Агуеро и Андреа Белоти, но Антонио Конте на крајот го доведе Шпанецот.
Мората е четврто засилување на шампионот на Англија ова лето, по голманот Вили Кабалјеро, дефанзивниот играч Антонио Ридигер и играчот за врска Темуе Бакајоко.
Останува да се види дали неговото доаѓање ќе значи заминување на најдобриот стрелец на „сините“, Диего Коста, за што веќе со месеци се пишува.

Најнови вести