Корисничко име Лозинка Пријави се
19.8.2017

Конте: Коста за мене е минато

Антонио Конте, менаџерот на Челзи, изјави дека играчот на екипата Диего Коста за него е минато.

Коста сака да го напушти Челзи и да се врати во Атлетико, но управата на лондонскиот клуб не сака да го пушти.
Бразилецот се наоѓа во татковината, откако Антонио Конте, тренерот на Челзи, во јуни преку СМС-порака го извести дека не смета на него, а во едно интервју тој ги критикуваше неговиот клуб и Конте.
Шпанскиот репрезентативец бара од Челзи да ја намали цената на трансферот, што би му помогнало да се врати во Атлетико.
„Тоа е одлично“, изјави Конте низ насмевка на конференција за новинарите, а пренесе „Скај“.
„Сите вработени во Челзи знаат што се случи со Коста минатата сезона. Тоа е смешно, тоа интервју. Не ме интересира да ја продолжувам таа приказна. За мене, тој е минато“, изјави Конте.
По таа изјава, членот на тимот на Челзи задолжен за работа со медиумите ја прекина конференцијата и изјави дека клубот останува на ставот дека Коста мора да се врати во Лондон на тренинзите.
Потоа Конте даде изјава за претстојниот натпревар со Тотенхем, утре на „Вембли“. Челзи одбраната на титулата во Премиер лигата ја почна со поразот на „Стемфорд бриџ“ од Барнли (2-3).
Натпреварот поради суспензија ќе го пропуштат Гери Кејхил и Сеск Фабрегас, повредени се Еден Азар и Темуе Бакајоко, а Конте изјави дека неговата екипа нема толку цврста основа како нејзините ривали.
Тој додаде дека Алваро Мората, кој ова лето за 70 милиони фунти дојде од Реал, сè уште не е во целосна форма и изјави дека може да работи само со оние играчи коишто ги има, додека управата се грижи за трансферите.
„Моја задача е да работам со моите фудбалери, да го подобрам тимот. Знам дека клубот прави сè што може во преодниот рок. Ќе видиме што ќе се случи до крајот на преодниот рок, но во секој случај ќе бидам задоволен“, изјави менаџерот на Челзи.

Најнови вести