Корисничко име Лозинка Пријави се
16.9.2017

Самсоненко: Не си одам од Вардар

Сергеј Самсоненко, бизнисменот од Русија, кој пред еден месец најави дека ќе си оди од Вардар, изјави дека нема да се повлече од македонскиот шампион по завршувањето на сезоната.

Самсоненко во август предизвика бура откако најави дека оваа година ќе биде последна за него во ФК Вардар, РК Вардар и во ЖРК Вардар и дека во иднина тој нема повеќе да инвестира.
На промоцијата на Илија Најдовски за нов технички директор на ФК Вардар, рускиот бизнисмен изјави дека ќе остане дел од семејството на Вардар.
„Пред еден месец кажав дека ова ми е последна сезона во сите три клуба и дека потоа нема веќе да инвестирам“, изјави бизнисменот од Русија.
„Сакам да појаснам дека причината за ова беше само една – имаше куп пишувања од одредени медиуми кои промовираа невистини, лаги и превртуваа факти. Ми се собра до срце, па со жешка глава кажав дека заминувам. Не сакав да си одам од Вардар и сакам да им порачам на сите добри луѓе да не верувате во невистините кои ги пишуваат за мене. На тие што пишуваат, сакам да им порачам дека немаат ни срам ни совест. Вас ве сметам за предавници зашто не сум направил ништо лошо за ова држава, која ја засакав како своја и направив само добри работи. Тоа што го направивте е дно“, додаде Русинот.
„Јас не сакав да заминам и нема да заминам од Вардар. Ќе останам и во добро и во лошо. Ќе дадам сè од себе и ќе им помогнам на сите клубови. Ги повикувам сите добри луѓе да нè поддржат. Заедно да се бориме против неправди. Сигурен сум дека ќе направиме уште успеси. Ќе бидеме уште подобри“, изјави Сергеј Самсоненко.

Најнови вести