Корисничко име Лозинка Пријави се
27.8.2018

Премиера во СЕХА за мерак, Вардар против Металург

Вардар и Металург ќе го играат старото добро македонско ракометно дерби на стартот од СЕХА лигата, а дуелот на скопските ривали на распоред е задутре, од 20.45 часот во „Јане Сандански“

Двете најдобри македонски ракометни екипи Вардар и Металург ќе играат меѓусебе на отворањето на новата сезона во СЕХА лигата. Стандардните учесници во Регионалното натпреварување, одлично се познаваат и се очекува добар ракомет.
„Ова ќе ни биде прв и многу тежок меч во новиот циклус во Сеха лигата. Имаме проблеми со повредени играчи, но мора да бидеме подготвени и, без разлика на сè, да одиме на победа. Формата ни варира, од одличен меч со Пари Сен Жермен, до лош против Брест Мешков, но верувам дека со тек на време сè ќе си дојде на свое место“, вели Роберто Гарсија Парондо, тренерот на Вардар.
Проблемите на „црвено-црните“ се големи. Во составот има доста промени и нови играчи, повреден е Стојанче Стоилов, како и Мораес, а се очекува сè да биде во ред со Игор Карачиќ. Вардар неодамна во Струга го надигра и победи Металург во Суперкупот на Македонија, па и сега шампионот очекува победа 
„Металург секогаш го дава најдоброто од себе кога игра против Вардар. Мислам дека ќе биде потежок меч од Суперкуот во Струга. Имаме проблеми, ниту еднаш не трениравме во комплетен состав. Ќе биде интересна сезона за нас, многу интересна. Игравме неколку турнири на кои на некои мечеви одигравме многу добро, но на други игравме под нашите можности. Не сме константни, но ќе бидеме подобри. Ова е нова екипа, со нов тренер и потребна ни е поддршка од навивачите. Ние, како и секоја година, одиме да освоиме нови трофеи“, вели Тимур Дибиров.
Мечот е закажан за во среда, од 20.45 часот во салата „Јане Сандански“.

 

Најнови вести