Корисничко име Лозинка Пријави се
02.10.2017

Пике: Ако моите ставови се проблем, ќе ја напуштам Шпанија

Жерар Пике, дефанзивниот играч на Барселона, изјави дека ќе се повлече од репрезентацијата на Шпанија доколку е проблем тоа што ја поддржува независноста на Каталонија.

Вчера беше одржан референдум во Каталонија, а поради нередите ширум покраината, фудбалерите на Барселона пред празни трибини на „Камп ноу“ го дочекаа Лас Палмас и победија со 3-0. Пике потоа изјави дека тоа му бил најтешкиот натпревар во кариерата.
„Мислам дека можам да продолжам да играм. Но, ако Фудбалската федерација на Шпанија смета дека тоа е проблем, ќе ја напуштам репрезентацијата пред 2018 година. Има голем број луѓе во Шпанија кои не се согласуваат со она што се случи вчера и веруваат во демократијата“, изјави Пике.
Каталонија има седум и пол милиони жители, свој јазик и култура, а Барселона ѝ е главен град. Како покраина има висок степен на автономија, но според Уставот на Шпанија не е призната како посебна држава.
Пике во текот на кариерата 91 пат ги бранеше боите на Шпанија, но поради неговиот став околу референдумот се најде во центарот на вниманието. Во текот на пријателскиот натпревар со Колумбија во Мурсија, во јуни, навивачите кои се против независноста на Каталонија го исвиркуваа.
Серхио Рамос, дефанзивниот играч на Раел Мадрид, од навивачите бараше да покажат почитување кон Пике, кој вчера на „Твитер“ стави слика на која се гледа дека гласал на референдумот. Рамос не ја пропушти можноста да даде коментар изјавувајќи дека не требало да го направи тоа ако не сакал да биде исвиркан.

 

Најнови вести