Корисничко име Лозинка Пријави се
16.8.2018

Чуден систем – Серија Б во Италија ќе се игра со 19 клубови

Италијанската фудбалска федерација донесе конечна одлука и новата сезона во Серија Б ќе се игра со 19 клубови. Чудно, бидејќи во фудбалските лиги правило е да има парен број клубови.

Серија Б во Италија ќе се игра со 19 наместо со очекуваните 22 клуба по проблемите на екипите на Бари, Чезена и Авелино, кои нема да се натпреваруваат иако имаат право на тоа. Сите три клуба имаат финансиски проблеми, што автоматски го намали и бројот на клубови кои ќе играат во Серија Б во сезоната 2018/19. 
Одлуката на италијанската фудбалска федерација не беше добро прифатена од дел од клубовите, а еден од најгласните критичари е Маурицио Цампарини.
Првиот човек на Палермо, клубот за којшто играат нашите репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски, без влакно на јазикот вели дека нема поголема глупост.
„Најдобро е шампионатот воопшто да не почнува. Ова е голема глупост и клубовите мора да се организираат за да се заштитат. Живееме во земја во која иако законот или правилото се погрешни, сепак, мора да се почитуваат. Ќе се бориме за да ја коригираме глупоста на Федерацијата. Одлуката да се игра лига со 19 клубови е надвор од здрав разум“, изјави Цампарини.
Палермо е еден од фаворитите за директен пласман во Серија А, а шампионатот во Серија Б ќе почне на 25-ти август.

 

Најнови вести