Корисничко име Лозинка Пријави се
23.6.2012

Чаби Алонсо за пиринејско полуфинале

Шпанија со двата гола на Чаби Алонсо на неговиот стоти натпревар за репрезентацијата ја елиминираше бледата Франција и се пласираше во полуфиналето со пиринејски шмек против Португалија.

Мечот кој требаше да биде спектакл беше далеку од тоа, пред сè поради слабото издание на Франција која не знаеше како да се справи со препознатливата игра на Шпанци.
„Црвената фурија“ поведе во 19 минута со голот со глава на Чаби Алонсо по одличната акција на Алба по левата страна. По водството, Шпанија ја презеде контролата на играта и не им овозможи на Рибери и Бензема да креираат некоја посериозна шанса пред голот на Касиљас, освен одлично изведениот слободен удар на Кабаје кој шпанскиот голман го одбрани.
Во второто полувреме францускиот селектор во игра внесе три напаѓачи, но ни тоа не беше доволно Французите да се заканат посериозно и да го изедначат резултатот. Во самиот финиш, Педро беше соборен од Ревеје во шеснаесетникот за пенал кој Чаби Алонсо го реализираше за сигурна победа од 2-0 над големиот ривал со што стави крај на една непријатна традиција на Шпанците во дуелите со Франција.
 Во пиринејското полуфинале кое ќе се игра во среда на „Донбас арената“ Шпанија ќе се сретне со Португалија предводена од Кристијано Роналдо.

Најнови вести