Корисничко име Лозинка Пријави се
19.7.2012

На Шпанците не им се допаѓаат униформите

Некој пред Олимписките игри размислува околу формата, а некој околу стилот. Всушност, шпанските спортисти имаат проблем со блескавите црвени и жолти униформи, па почна расправа преку социјалните мрежи, а спортистите ги критикуваа дизајнерите.

Шпанските спортисти на свечената церемонија на отворањето на Олимписките игри ќе излезат во црвено-жолти униформи, какви што се и боите на нивното знаме, но моделите не му се допаднаа на кануистот Саул Кравијото, но и на хокеарот Алекс Фабрегас.

„Најдобро е да не ја коментирам униформата. Ќе ја оставам дома“, напиша Кравијото, кој на „Твитер“ објави слика на која е облечен во официјалната облека со капа и ранец.

Се работи за тоа што руската фирма „Боско“, која е истиот креатор и на руската и украинската униформа за Олимписките игри, на „црвената фурија“ бесплатно ѝ ги направи костимите.

„Униформите сега не можеме да ги менуваме, одлуката е донесена уште пред една година. Кога Рафаел Надал, кој го носи знамето, и останатите спортисти ќе се појават на свеченото дефиле, сите ќе им аплаудираат“, рече Алехандро Бланко, претседателот на Олимпискиот комитет на Шпанија, а потоа ја додаде клучната работа.

„Можевме да избереме меѓу бесплатни униформи или да платиме милион и пол евра. Зарем е потребно да дискутираме околу тоа“, праша Бланко.

Шпанските дизајнери се лути бидејќи не се ангажирани од страна на Олимпискиот комитет и ги наведоа примерите на Италија, Америка и Велика Британија како земји кои ангажираа престижни дизајнери, како Армани, Стела Макартни, Ралф Лорен.

Најнови вести