Корисничко име Лозинка Пријави се
18.10.2012

Жунињо пред казна поради избегнување на допинг тест

Жунињо Пернамбукано, 37-годишниот легендарен бразилски фудбалер, би можело да биде казнет поради кршење на Светскиот кодекс за антидопинг.

Некогашниот офанзивен играч за врска на Лион, денес член на Васко де Гама, по неодамнешниот натпревар од бразилското првенство против Понте Прета случајно е одбран за допинг-контрола, но наместо да оди право во собата во која требаше да остави примерок, како што наложуваат правилата, Жунињо најпрво отиде во соблекувалната на својата екипа.
За да се спречи можноста за каква било манипулација, играчите се должни од теренот да отидат директно во просторијата во која е контролата за допинг, но Жунињо не го направи тоа и сега му се заканува временска суспензија и (или) парична казна. Поради тој прекршок дисциплинска постапка се води и против Жуан од Сантос и Рикардо Берна од Флуминенсе.
Мајсторот на слободните удари ќе биде сослушан во петок, а во негова одбрана застана лекарот на Васко де Гама, Албино Пинто.
„Нормално е играчите најпрво да ги соберат своите работи од соблекувалната за да заштедат време пред враќањето дома. Жунињо се извини кога сфати дека згреши, а лекарот кој тој ден беше во допинг-контролата рече дека сè е во ред. Затоа ме чуди што дојде до ова“, изјави Пинто.

Најнови вести