Корисничко име Лозинка Пријави се
22.1.2013

Салгадо: Мурињо се скарал со цела соблекувална

Мичел Салгадо, поранешниот долгогодишен десен бек на Реал Мадрид, верува дека Жозе Мурињо, тренерот на клубот, нема лош однос само со голманот и капитенот Икер Касилјас, туку со сите играчи.

Португалскиот стручњак го изостави Касилјас од првиот состав во два првенствени натпревари, против Малага и Реал Сосиедад, за што многу пишуваа шпанските медиуми. Наводно, Мурињо последните месеци не се согласувал со многу играчи од својата екипа. Тоа го тврди и Мичел Салгадо, кој од 1999 до 2009 година го носеше дресот на Реал Мадрид.
„По мое сфаќање на целата ситуација, Мурињо не се скарал само со Касилјас, туку со цела соблекувална! Мислам дека тренерот би требало да закаже состанок со играчите и да ги решат сите недоразбирања и несогласувања“, рече Салгадо.
Иако неговиот поранешен клуб заостанува зад Барселона со 15 бодови, смета дека борбата за шампионската титула сè уште не е изгубена.
„Останаа уште четири месеци до крајот на сезоната и првенството не е изгубено. Реал Мадрид може да се врати“, додаде Салгадо.
По кариерата во Реал Мадрид, Салгадо во 2009 година премина во Блекбурн, каде што ја заврши кариерата. Најавува брзо враќање во фудбалот:
„Многу брзо и јас ќе станам тренер!“, заврши Салгадо.

Најнови вести