Корисничко име Лозинка Пријави се
27.2.2013

Карју на местото од Милито во Интер

Џон Карју, поранешниот репрезентативец на Норвешка, до крајот на сезоната ќе игра во Интер од Милано, со кого потпиша четиримесечна соработка вредна околу 300.000 евра.

„Интер е голем тим и голема шанса за мене. Подготвен сум да играм. Претходните шест месеци немав клуб, но нормално тренирав и во добра форма сум“, изјави Карју за италијанските медиуми.
Норвешкиот интернационалец има 33 години, а последниот клуб за којшто играше е лондонскиот Вест хем во минатата сезона.
Карју во тимот на Интер до крајот на сезоната ќе го замени аргентинскиот напаѓач Диего Милито, кој поради повреда на лигаментите ќе паузира шест месеци.
Норвежанецот веќе играше во Италија во сезоната 2003/04, кога во дресот на Рома постигна шест голови на 20 натпревари.
Во досегашната кариера Карју има играно и за: Волеренга, Розенборг, Валенсија, Бешикташ, Лион, Астон вила и Стоук. За селекцијата на Норвешка од 1998 до 2011 година тој одигра 91 натпревар и постигна 24 погодоци.
Новиот клуб на Карју, Интер, моментно се наоѓа на петтото место на табелата на Серија А, со 14 бодови помалку од лидерот Јувентус.

Најнови вести