Корисничко име Лозинка Пријави се
25.3.2013

Фетел на тронот, му се извини на Вебер што го престигна, Хамилтон во боксот на Мекларен!

Германецот Себастијан Фетел, актуелниот светски шампион на Формула 1 и возач на Ред Бул, победи во трката за Големата награда на Малезија возена на патеката „Сепанг“.

До својата 27-ма победа во кариерата трократниот светски шампион Фетел дојде за еден час, 38 минути, 56 секунди и 681 стотинка.
Второто место го зазеде Марк Вебер од Ред Бул со заостанување од четири секунди и две стотинки, додека трет низ целта помина возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, со заостанување од 12,1 секунда.
На четвртото место се пласира Нико Розберг од Мерцедес, петти беше Фелипе Маса од Ферари, а потоа следуваа двајцата возачи на Лотус, Роман Грожан и Кими Раиконен.
Возачот на Заубер, Нико Хилкенберг беше осми, а бодови освоија и Серхио Перез од Мекларен и Жан Ерик Верњ, кој вози за Скудерија Торо Росо.
Фетел рече дека не е горд на денешната победа во трката на Формула 1 за Големата награда на Малезија и му се извини на клупскиот колега Марк Вебер бидејќи не ја послушал наредбата од боксот да не го престигнува.
„Згрешив. Сакам да му се извинам на Марк. Тој се обидуваше да ги сочува болидот и гумите, но додека тој се обидуваше тоа, јас презедов голем ризик и го престигнав. Не требаше да го направам тоа“, изјави Фетел по трката.
„Не ме интересираат критиките. Им должам објаснување на Марк и на екипата, и тоа е тоа. Сигурно е дека не сум горд на оваа победа, бидејќи требаше да му припадне на Марк“, додаде трократниот светски шампион.
Луис Хамилтон, шампионот на Формула 1 од 2008 година, вчера ги насмеа сите љубители на тој спорт кога одеше во боксот во текот трката.
Хамилтон по шест сезони во Мекларен, оваа година премина во Мерцедес, но случувањата во „Сепанг“ покажаа дека тој сè уште не се навикнал на новиот тим.
Британецот при првото одење во боксот залута право кај механичарите на Мекларен, коишто збунето му порачаа да продолжи понатаму, што тоа и го направи.
Хамилтон така изгуби неколку секунди, но со својот потег ги воодушеви сите, вклучувајќи го и својот поранешен тим, од каде што му порачаа да намине кога ќе посака.
Британецот на подиумот потоа му се извини на својот тим за грешката.
Третата трка во шампионатот на Формула 1 се вози на 14-ти април во Шангај, за Големата награда на Кина.

Резултати:

1. Себастијан Фетел (Германија, Ред Бул) – 1:38:56.681 часа
2. Марк Вебер (Австралија, Ред Бул) +00:04.298 секунди
3. Луис Хамилтон (В. Британија, Ред Бул) +00:12.181
4. Нико Розберг (Германија, Мерцедес) +00:12.640
5. Фелипе Маса (Бразил, Ферари) +00:25.648
6. Роман Грожан (Франција, Лотус) +00:35.565

Генерален пласман на возачи:

1. Фетел – 40 бодови
2. Раиконен – 31
3. Вебер – 26
4. Хамилтон – 25
5. Маса – 22

Генерален пласман на конструктори:

1. Ред Бул – 66
2. Лотус – 40
3. Ферари – 40
4. Мерцедес – 37
5. Форс Индија – 10

Најнови вести