Корисничко име Лозинка Пријави се
15.5.2013

Арсенал го испрати Виган во втората лига

Фудбалерите на Арсенал на „Емирати“ го совладаа Виган со 4-1 во средбата од 37-мото коло на Премиер лигата и со тоа го исфрлија актуелниот освојувач на ФА купот во втората лига.

Само по три дена од историското освојување на ФА купот и победата од 1-0 над Манчестер сити на „Вембли“, екипата на Роберто Мартинес доживеа грубо приземјување. Мотивираниот Арсенал, кој ја брка четвртата позиција и Лигата на шампионите, го надигра Виган пред своите навивачи и го испрати во понизок ранг на натпреварување, бидејќи на коло пред крајот зад 17-топласираниот Сандерленд заостанува со четири недостижни бодови.
Виган ќе им се приклучи на Ридинг и Квинс парк ренџерс во Шампионат лигата, иако следната сезона ќе игра во Лигата на Европа.
Херои на победата на Арсенал беа двократниот стрелец Лукаш Подолски и четирикратниот асистент Санти Касорла. На Подолски тоа му беа 10-от и 11-от гол во сезоната, а последен играч кој во една премиерлигашка средба поделил четири асистенции како Касорла е Емануел Адебајор од Тотенхем во натпреварот против Њукасл во февруари 2012 година.
По еден гол за лондонскиот состав постигнаа и Тео Волкот и Арон Ремзи.
Арсенал со победата го престигна Тотенхем на четвртото место и сигурно ќе се избори за Лигата на шампионите доколку победи во последното коло, на гостувањето кај Њукасл, кој уште порано осигури опстанок во лигата.
Во втората средба, Манчестер сити славеше со 2-0 на гостувањето кај Ридинг, во првиот натпревар на „граѓаните“ по смената на менаџерот Роберто Манчини. Во секое полувреме Сити постигна по еден гол, а стрелци беа Серхио Агеро и Един Џеко.

Најнови вести