Корисничко име Лозинка Пријави се
16.7.2013

Европска вечер за Вардар: Гол во Букурешт за неизвесен реванш

Македонскиот шампион Вардар вечерва на Националната арена во Букурешт ќе го одигра првиот дуел од двомечот во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Романскиот шампион и поранешен европски првак Стеауа е фаворит во овој двомеч, но „вардарци“ сакаат што подостојно да го претстават македонскиот фудбал.
„Стеауа е голем клуб кој сигурно е фаворит во оваа пресметка. Но, ние дојдовме тука желни да го демонстрираме сиот наш квалитет, достојно презентирајќи го македонскиот фудбал“, изјави за романските медиуми тренерот на Вардар, Боби Милевски.
Фудбалерите на Вардар се свесни дека ако сакаат да направат изненадување и да се пласираат во третото коло, мора да постигнат барем еден гол на првиот натпревар.
„Гол на гости многу значи на овие европски натпревари. Доколку ја затресеме противничката мрежа во Букурешт, тогаш се зголемуваат нашите шанси за нешто повеќе од овој двомеч“, изјави Филип Петров, стандардниот првотимец на „црвено-црните“.
Според најавите од навивачката група на македонскиот шампион, околу 300 „комити“ се на пат за Букурешт, каде што заедно со македонските иселеници ќе го бодрат Вардар.
Натпреварот ќе почне во 19:45 часот, а според романските медиуми се очекува бројна посета од околу 25.000 гледачи на Националната арена.

Најнови вести