Корисничко име Лозинка Пријави се
17.7.2013

Стеауа пресилна за Вардар

Македонскиот шампион доби вистинска лекција по фудбал од Стеауа и доживеа висок пораз од 0-3 во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Романскиот гигант и поранешен шампион на Европа лесно дојде до победата, а да не беше расположен голманот на „црвено-црните“, Павловиќ, поразот можеше да биде и катастрофален.
Стеауа го почна натпреварот надмоќно и не ѝ требаше долго да дојде во водство. Танасе во 12-тата минута ја погоди мрежата откако до него стигна една одбиена топка.
Во 21-вата минута водството на Романците беше зголемено со голот на Пинтили, кој една нафрлена топка од корнер ја смести во голот.
Вардарци беа немоќни и не направија ниту една акција за да го загрозат противничкиот гол. Стеауа продолжи со нападите и во финишот на првото полувреме стигна до третиот гол, откако Попа го погоди дирекот, а одбиената топка го удри Павловиќ во грбот и се отркала зад гол-линијата.
Стеауа и во вториот дел имаше неколку шанси, но за среќа на Вардар, Павловиќ спречи потежок пораз.
Реваншот ќе се игра следниот вторник во Скопје, но според квалитетот на тимовите, тој ќе биде само формалност за Романците.

Најнови вести