Корисничко име Лозинка Пријави се
06.3.2014

Руни: Никому не му е гарантирано Светското првенство

Вејн Руни, репрезентативецот на Англија, изјави дека ниту еден играч нема гарантирано место во тимот за Светското првенство во Бразил.

Руни смета дека сите ќе мора да се борат за да одат на Мундијалот.
„Ова е претпоследниот список на селекторот Рој Хоџсон пред конечниот список од 23 играчи за Мундијалот. Сега сме 29 играчи и сите сакаме да покажеме што знаеме, почнувајќи од мене. Сигурен сум дека селекторот сериозно ќе размисли“, изјави Руни.
Репрезентацијата на Англија синоќа на „Вембли“ во пријателски натпревар ја победи Данска со 1-0. Руни играше од почетокот, но беше заменет во вториот дел, по што екипата заигра подобро, а единствениот гол го постигна Даниел Стариџ, напаѓачот на Ливерпул, во 82-рата минута.
Лук Шоу, младиот фудбалер на Саутхемптон влезе против Данска во второто полувреме и дебитираше за тимот А на Англија.
„Многу добро играше. Видовте дека има многу доверба кога ја има топката, тој е добар играч, брз е. Селекторот ќе одлучи, пред него се тешки одлуки, но тој поради тоа е овде – да донесува тешки одлуки“, изјави Руни.
На Светското првенство во Бразил, од 12-ти јуни до 13-ти јули, Англија ќе игра во групата Д со Италија, Уругвај и Костарика.

Најнови вести