Корисничко име Лозинка Пријави се
09.9.2018

Манчестер може да здивне, Лук Шоу е добар

Левиот бек се здоби со непријатна повреда на главата на мечот со Шпанија

Лук Шоу се чувствува добро по повредата на главата која ја здоби со неконтролираниот пад на тревата на „Вембли“ во 47-мата минута на мечот помеѓу Англија и Шпанија од Лигата на нациите. Левиот бек на Манчестер јунајтед се удри во противничкиот играч Даниел Карвахал и незгодно падна на теренот. Лекарскиот тим 5-6 минути го имобилизираше, му ставија маска за кислород и го изнесоа на носила. 

Сликата беше непријатна, но последните информации се дека тој се чувствува добро и не станува збор за тешка повреда. Селекторот Герет Саутгејт кажа дека по мечот, Шоу разговарал и се однесувал комфорно во соблекувалната, но за секој случај, ќе му бидат направени дополнителни тестови. 

„Ви благодарам на сите за љубовта и поддршката која ми ја дадовте. Во добри раце сум. Фино се чувствувам. Борец сум, наскоро ќе се вратам на терен“, напиша Шоу на „Твитер“.

Англичаните за првпат по 30 години загубија три официјални мечеви по ред, а им заврши и периодот од 11 години без пораз на домашен терен.