Корисничко име Лозинка Пријави се
03.4.2014

Играчи на Зенит подмитувале судии

Ерик Хаген, некогашниот репрезентативец на Норвешка, вчера изјави дека додека играл во Зенит, соиграчите и тој им давале мито на судиите во Купот на УЕФА.

Хаген настапуваше за рускиот тим од 2005 до 2008 година, но не сакаше да открие на кој натпревар се случило тоа и кои судии добиле пари.
„Еден од соиграчите го познаваше судијата, кој беше под сомнение дека местел натпревари. Пред натпреварот на секому од четворицата судии му дадовме по 3.000 долари за да победиме“, изјави Хаген за „Ел Мундо депортиво“.
Хаген не потврди дали тоа се случило во сезоната 2007/08, кога Зенит го освои Купот на УЕФА, но напомена дека на нивните противници во таа година им се поништени четири голови поради наводен офсајд.
Тој додаде дека имало наместени натпревари во рускиот шампионат и дека изгледало како однапред да се знае кој ќе биде шампион.
Хаген за Зенит одигра 67 натпревари и постигна три погодоци, додека за репрезентацијата на Норвешка настапи 28 пати.


Најнови вести