Корисничко име Лозинка Пријави се
26.1.2015

Џилардино повторно во „виолетовите“

Италијанскиот фудбалер Алберто Џилардино се врати во Фиорентина, во која ќе настапува како играч на заем од кинескиот Гвангжу.

Како што пренесоа италијанските медиуми, 32-годишниот напаѓач во клубот за кого веќе настапуваше од 2008 до 2012 година ќе игра до крајот на сезоната.
Џилардино за четири години во Фиренца постигна 59 голови на 143 натпревари и беше еден од клучните играчи. Потоа настапуваше во Болоња и во Џенова, од која летоска направи трансфер во кинескиот клуб, за кого одигра 17 натпревари и постигна шест погодоци.
Џилардино кариерата ја почна во Пјаченца, играше уште за Верона, Парма и Милан, а со репрезентацијата на Италија, за која настапи 57 пати и постигна 19 погодоци, го освои Светското првенство во Германија во 2006 година.
Андреа дела Вале, сопственикот на Фиорентина, изрази надеж дека Хуан Куадрадо, играчот за врска на тој клуб, ќе остане меѓу „виолетовите“, иако фудбалерот наводно јасно ставил до знаење дела сака да направи трансфер во Челзи.
Куадрадо е цел на Челзи, но Фиорентина не сака да го продаде на англискиот клуб за помалку од 35 милиони евра, колку што изнесува откупната клаузула во договорот.

Најнови вести