Корисничко име Лозинка Пријави се
14.9.2011

Карвалјо една година надвор од репрезентацијата

Рикардо Карвалјо, португалскиот одбранбен фудбалер, е отстранет од репрезентацијата на една година поради напуштање на тренинг-кампот на националниот тим минатиот месец без објаснување, соопштија од Фудбалската федерација на Португалија.

Искусниот играч на Реал од Мадрид на 31-ви август ги напушти подготовките на репрезентацијата на Португалија за мечот против Кипар во квалификациите за првенството на Европа, а еден ден подоцна соопшти дека ја завршува репрезентативната кариера поради непочитување.
„За ваков прекршок е предвидена двегодишна суспензија, но имајќи го предвид минатото на играчот, одлучено е Карвалјо да биде отстранет од репрезентацијата на една година“, соопшти Фудбалската федерација на Португалија.
Триесет и тригодишниот Карвалјо за репрезентацијата на Португалија дебитираше во 2003 година, под водство на селекторот Луис Фелипе Сколари, и оттогаш националниот дрес го носеше на 75 натпревари. Играше на првенствата на Европа во 2004 и во 2008 година, како и на светските првенства во 2006 и во 2010 година.
Карвалјо освои неколку титули играјќи за Порто и Челзи, пред да премине минатото лето во Реал Мадрид.

Најнови вести