Корисничко име Лозинка Пријави се
15.4.2015

Верати: „ПСЖ без Ибрахимовиќ е како Барселона без Меси“

Фудбалерите на ПСЖ и на Барселона ќе се сретнат во првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите, а на клубовите ова ќе им биде трет дуел оваа сезона во најелитното натпреварување.

ПСЖ и Барселона се натпреваруваа во групата Ф, имаат по една победа во меѓусебните дуели и таа фаза од натпреварувањето ја завршија со разлика од два бода.
Клубот од „Камп ноу“ беше прв со 15, додека ПСЖ групната фаза ја заврши на второто место со 13 освоени бодови.
Францускиот клуб во денешниот натпревар ќе биде ослабен, поради црвен картон нема да може да смета на својот најдобар играч Златан Ибрахимовиќ, а во тимот нема да биде ниту Марко Верати.
„ПСЖ без Ибрахимовиќ е како Барселона без Лионел Меси или Реал без Кристијано Роналдо. Златан Ибрахимовиќ е неверојатен играч кој може да направи разлика кога и да посака. Но, имаме одличен тим, мораме да бидеме во состојба да победиме и без него... Ќе биде тешко да се гледа дуелот отстрана, тоа ќе биде голем натпревар. Сигурен сум дека можеме до полуфиналето“, изјави Верати за француските медиуми.
Ова е трет пат овие два клуба да се сретнат во четврт-финалето на Лигата на шампионите, а досега и ПСЖ и Барселона имаат по еден успех во тие дуели. „Светците“ се без пораз во последните 33 натпревари на својот стадион, со резултат од 22 победи и 11 ремија. Последниот пораз на домашен терен го доживеаја од Хапоел од Тел Авив во групната фаза на Купот на УЕФА во ноември 2006 година.
Барселона е во своето осмо последователно четврт-финале, а славеше во последните пет од осумте натпревари на гостувања, вклучувајќи го и натпреварот против Манчестер сити во осминафиналето.
„Сакаме да ја играме својата игра. Се надевам дека ќе избориме добар резултат пред реваншот“, изјави Адријано, фудбалерот на Барселона.
Првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите меѓу ПСЖ и Барселона се игра вечерва од 20.45 часот во Париз.

Најнови вести