Корисничко име Лозинка Пријави се
29.4.2015

Манчини: Подолски се враќа во Лондон

Роберто Манчини, тренерот на Интер, изјави дека клубот нема да го откупи договорот на Лукаш Подолски и дека германскиот репрезентативец на крајот на сезоната ќе се врати во Арсенал.

Подолски во јануари од Арсенал отиде на шестмесечен заем во Интер, со можност на крајот на сезоната италијанскиот клуб да го откупи договорот. Подолски не се снајде добро, а првиот гол за „нераѕурите“ го постигна дури во финишот на сезоната - синоќа во натпреварот против Удинезе (2-1).
„Мило ми е што Подолски постигна гол, тоа е важен погодок за нас. Тој ќе се врати во Лондон на крајот на сезоната, но е голем професионалец“, изјави Манчини.
Удинезе натпреварот го заврши со деветмина играчи, а Манчини е незадоволен од играта на својот тим, кој на теренот имаше два играчи повеќе.
„Не разбирам зошто некои наши играчи почнаа ‘да се играат’ кога Удинезе остана со деветмина. Ќе мораме да разговараме за тоа, бидејќи во некои моменти како да не размислуваат. Имаме добри играчи, но мора да останат сконцентрирани, мора да го користат мозокот“, додаде тренерот на Интер.
„Не можеме на таков начин да го добиеме натпреварот, бидејќи доволен е само момент за да изгубите бодови. Подобро игравме кога двата тима имаа по 11 играчи на теренот“, изјави Манчини.

Најнови вести