Корисничко име Лозинка Пријави се
15.9.2015

Дербито на премиерата се игра на „Етихад“

Без сомнение, дерби на првиот ден на Лигата на шампионите ќе се игра во Манчестер, каде што Сити го дочекува шампионот на Италија, екипата на Јувентус, која со големи амбиции влегува во новата сезона.

Амбиции не им недостасуваат ниту на „граѓаните“, особено по феноменалниот старт во Премиер лигата, а во водечкиот тим на англиското првенство нема да биде Серхио Агуеро.
Јувентус не ја почнува Лигата на шампионите со голема радост, одигра три кола во Серија А, освои само еден бод, и тоа минатиот викенд против градскиот ривал, екипата на Торино. Транзицискиот период без Андреа Пирло, Артуро Видал и Карлос Тевес почна неславно, но Масимилијано Алегри минатата сезона се покажа како стручњак кој умее да се избори со притисок.
Владетелот на Лигата на Европа стигна во Лигата на шампионите. Севилја ги разочара навивачите на почетокот на сезоната, малку и недостасуваше да ја победи Барселона во Суперкупот на Европа, но потоа ништо не одеше според планот. Во првите три кола на Примера лигата составот од Андалузија освои само два бода.
Како вистинска шанса за поправање на впечатокот доаѓа дуелот со Менхенгладбах, кој нанижа четири порази во Бундеслигата, прими 11 голови, а постигна само два погодока и моментно се наоѓа на дното на табелата без ниту еден бод.
Натпревар со голем набој ќе биде одигран во Истанбул. Галатасарај го дочекува Атлетико Мадрид во дуел на тимовите коишто не успеаја да забележат победа во претходните натпревари во своите домашни првенства, Галатасарај ремизираше со Мерсин на свој терен, додека „Висенте Калдерон“ ја освои Барселона.
„Знаеме што нè очекува, особено каква атмосфера на стадионот на Галатасарај. Сепак, имаме свој план, знаеме колку можеме и што сакаме, а целта е Лигата на шампионите да ја почнеме со триумф. Зад себе имаме тежок натпревар против Барселона, во којшто малку недостасуваше да останеме непоразени, но не вреди да се гледа назад. Ќе ја играме нашата игра и ќе се надеваме на победа“, изјави Диего Симеоне, тренерот на мадриѓаните.
Во Лисабон ќе биде испишана историја, Бенфика ја дочекува Астана, екипата која го претставува казахстанскиот фудбал.
„Мило ми е што се враќам во Португалија по 20 години. Натпреварот ќе биде многу тежок против силен тим каков што е Бенфика. Мораме да ги спречиме да создаваат премногу празен простор, така не ќе можат да ни наштетат. Иако немаме премногу европско искуство, и ние сме многу организирани и дисциплинирани, а од контра ќе се обидеме да дојдеме до голот“, изјави Станимир Стоилов, тренерот на Астана, кој пред две години го носеше дресот на Кампомајоренсе.

Најнови вести