Корисничко име Лозинка Пријави се
17.12.2015

Суарес со хет-трик го сруши големиот „Кинески ѕид“

Фудбалерите на Барселона се пласираа во финалето на Светското клупско првенство со рутинска победа над кинескиот Гвангжу со резултат од 3-0.

Шампионот на Европа беше без Лионел Меси, кој во текот на утрото почувствува болки поради камен во бубрегот, и без повредениот Нејмар, но без проблеми се пласираше во финалето на Светското клупско првенство.
По Примера, Шпанскиот куп, Лигата на шампионите и Суперкупот на Европа, Барселона во недела наутро против Ривер плате ќе го брка третиот трофеј на Светското клупско првенство, по оној под водството на Пеп Гвардиола.
Исто така, Андрес Иниеста, Бускетс, Дани Алвеш и Меси се на чекор да станат единствени играчи во историјата на фудбалот кои три пати го освојуваат ова натпреварување.
Средбата на „Нисан стадионот“ во Јокохама ја одбележа еден од најдобрите напаѓачи на денешнината Луис Суарес, кој со голема помош на Иниеста постигна три гола.
Првиот пат мрежата ја затресе во 29-тата минута, играчите на Луис Енрике долго ја држеа топката, но не успеваа да пронајдат пропуст во одбраната на противникот, па од далечина силно шутираше Иван Ракитиќ, голманот на Гвангжу кратко ја одби топката на која налета Уругваецот и ја погоди за водство од 1-0.
Иниеста во 50-тата минута одлично ја префрли одбраната на кинескиот тим и го проигра Суарес, а некогашниот стрелец на Ливерпул и на Ајакс ја задржа топката со гради и додека паѓаше ја испрати во горниот десен агол.
Во тој момент натпреварот беше решен, но Уругваецот за да го комплетира хет-трикот во 67-та минута изведе пенал кој беше направен над Мунир беше соборен.
Суарес стана првиот играч кој на еден натпревар во клупското Светско првенство постигна три голови.
Барселона и Ривер плате ги оправдаа улогите на фаворити и во недела во 11:30 ќе играат за титулата за светски шампион.

Најнови вести