Корисничко име Лозинка Пријави се
05.5.2016

Можат ли Шпанците да ја владеат Европа?

Два шпански клуба ќе играат во финалето од Лигата на шампионите, а истото можат да го остварат и двајцата претставници во Лигата на Европа.

Фудбалерите на Севилја, бранителите на титулата ќе го пречекаат Шахтар во реванш натпреварот во полуфиналето, по реми натпреварот од 2-2.
Многу тешка задача ќе има и Вилјареал, кој му гостува на Ливерпул на „Енфилд роуд“, по минималниот триумф на домашен терен.
Последниот пат во финалето во Лигата на Европа два шпански клубови играа во 2012 година во Букурешт, кога Атлетико Мадрид го совлада Атлетик Билбао со 3-0.
Во меѓувреме Шпанците освоија уште две титули и двете ги освои Севилја во изминатите две сезони која доминира во натпреварувањето.
„Задоволни сме што играме во полуфиналето, но имаме своја шанса па ќе се бориме за уште повеќе. Клоп можеби ќе промени неколку играчи, но тоа нема да влијае на нас. Знаеме колку се опасни, а важно е како ќе одговориме“, изјави тренерот на Вилјареал, Марселино Гарсија Торал.
Ливерпул е под голем притисок пред реванш натпреварот, бидејќи доколку не ја освои Лигата на Европа и така не дојде до Лигата на шампионите, нема да игра во Европа следната сезона.
„Ако играме најдобро што можеме, ќе се пласираме во финалето. Имаме многу позитивни знаци околу квалитетот на играчите. Подготвени сме. Од октомври се подготвуваме да одиграме совршено ваков натпревар. Ова го претставува целиот свет за Ливерпул, но нема притисок, ќе сториме сè што е до нас“, изјави Јирген Клоп.
Севилја веќе две сезони играше во Лигата на шампионите  поради освојувањето на Лигата на Европа, па сака да го стори тоа и сега. 
„Мораме да бидеме подготвени да се помачиме за да победиме. Никој ништо не остварува без мака“, изјави тренерот на Севилја, Унаи Емери.
Шахтар не може да смета на титулата во Украина, па тимот од Донецк ја гледа Лигата на Европа како сигурна карта за Лигата на шампионите.
„Севилја нема млади играчи, туку искусни кој имаат играно за многу големи клубови. На чело на тимот е тренерот кој одлично го анализира ривалот и одлично ја поставува играта. Ќе видиме како ќе се одвива натпреварот, тоа ќе ги одреди нашите опции и како ќе играме“, изјави тренерот на „рударите“,Мирчеа Луческу.
Двете реванш средби во полуфиналето од Лигата на Европа се на програмата за денес од 21:05 часот.

Најнови вести