Корисничко име Лозинка Пријави се
26.7.2016

Се воведува Премиер лига 2

Премиер лигата покрена нов ранг во натпреварувањето во кое ќе настапуваат резервните состави на тимовите од Премиер лигата со фудбалери кои имаат послаба минутажа.

До сега англиските клубови можеа играчите кои се во втор план да ги користат во дуелите против младите тимови до 21 година, но сега границата ќе биде поместена на 23 години и натпреварувањето ќе се вика Премиер лига 2.
„Секогаш се трудевме да развиваме колку што можеме повеќе играчи од младите школи, а минатата сезона имавме рекордни 67 дебитанти. Најтешкиот дел за нив е процесот на преминување од младиот во првиот тим. Премиер лига 2 е организирана така да можат полесно да се изборат играчите за место во Премиер лигата. Просечната старост на играчите кои дебитираат во првиот тим е 22, 23 години. Поради тоа ја поместивме границата за фудбалерите да имаат поголеми шанси“, изјави директорот на Премиер лигата Ричард Скадмор. 
Титулата во овој ранг од натпреварувањето ја брани Манчестер јунајтед, кој и покрај слабите резултати во ПЛ минатата сезона успеа да промовира неколку млади играчи во првиот тим.
Во Премиер лига 2 ќе учествуваат 15 тимови од Премиер лигата и девет од Шампионатот со играчи кои се родени по 1-ви јануари 1993 година. Ќе се состои од две дивизии, шампионот на  Дивизија 1 ќе биде првак, а последните два тима ќе испаѓаат во Дивизија 2. Освојувачот на Д2 ќе оди директно во Д1, додека вториот, третиот, четвртиот и петтиот тим ќе играат бараж за преостанатото место во повисокиот ранг. Нема испаѓање од Д2.
Резервните тимови ќе можат да учествуваат уште во три натпреварувања, Купот на Премиер лигата, Меѓународниот куп на ПЛ и прв пат ЕФЛ трофејот. Меѓународниот куп е проширен на 24 клубови, по 12 англиски и домашни тимови до 23 години, додека во ПЛ Купот ќе се игра во форматот како во Лигата на шампионите, со групна и нокаут фаза,а ќе учествуваат 32 тима.

Најнови вести