Корисничко име Лозинка Пријави се
01.3.2017

Алегри: Нашата игра беше повеќе од пеналите

Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентус, изјави дека смета дека вчерашната игра на неговиот тим против Наполи не смее да биде намалена поради пеналите што ги добија.

„Старата дама“ ги совлада гостите од Неапол со 3-1 во првиот натпревар од полуфиналето на Купот на Италија благодарение на двата пенали што ги добија.
„Во првото полувреме игравме во погрешен систем, направивме премногу грешки при додавањата, но сепак имавме многу шанси, а Наполи дозволи малку. Сè беше подобро по паузата, морам да го пофалам тимот бидејќи се врати и покрај тоа што заостануваше со еден гол“, изјави Алегри.
Гостите по натпреварот беа бесни на судијата поради двата пенали кои му ги додели на Јувентус, а не го санкционира стартот над Раул Албиол во казнениот простор на торинскиот тим.
„Не сакам да давам оцена за судењето. Од теренот изгледа дека постоеја двата пенали. Мислам дека нашата игра не смее да биде намалена поради пеналите. Мораме да ја согледаме пошироко сликата“, додаде тренерот на Јувентус.
„Им честитам на момчињата за играта, изгубија поради двете одлуки кои не само што беа спорни, туку срамни и штетни за целиот италијански фудбал. Кај првиот пенал, Дибала ја турна топката и бараше контакт, тоа јасно се гледа на снимката. Кај вториот, (голманот Пепе) Реина стигна до топката, а потоа не можеше да исчезне, мораше да го собере играчот. Што е уште полошо, тоа се случи откако нам не ни беше досуден пенал, иако тие двајца го соборија нашиот играч“, бесен изјави Кристијано Џунтоли, директорот на Наполи.
Незадоволни од судењето, од Наполи најавија дека на реванш-натпреварот во Неапол, кој на програмата е на петти март, ќе настапат со фудбалери од младинскиот состав.

 

Најнови вести