Корисничко име Лозинка Пријави се
24.9.2012

Бунт во Зенит поради платата на Хулк

Игор Денисов, казнетиот фудбалер на рускиот Зенит, рече дека Хулк, новиот напаѓач на клубот, е ѕвезда од втор ранг и дека не може да се спореди со најдобрите фудбалери на светот.

„Би разбрал да го доведевме Лионел Меси или Андрес Иниеста, бидејќи тие веројатно заслужуваат толку пари. Во ред, доведовме неколку добри играчи во летниот преоден рок, но дали навистина тие се толку подобри од остатокот на екипата, за да заработуваат три пати повеќе“, се запраша 28-годишниот Денисов, кој е капитен на репрезентацијата на Русија.
Денисов неодамна побара покачување на платата, а како одговор доби префрлување во младиот тим на Зенит. Слична работа се случи и со водечкиот стрелец на Русија, Александр Кержаков.
„Зенит веќе имаше во тимот играчи кои освоија еднаков број титули како и играчите коишто летоска го засилија клубот“, порача Денисов.
Клубот од Санкт Петербург летоска ги доведе Хулк од Порто и Аксел Вицел од Бенфика, а двајцата се платени по 40 милиони евра.
Според тврдењата на руските медиуми, Хулк годишно ќе заработува околу 6,5 милиони евра, а Вицел половина од таа сума. По стапките на Денисов и Кержаков, наводно, наскоро ќе тргнат и Вјачеслав Малафеев и Владимир Бистров, коишто, исто така, се незадоволни од политиката на управата.
Управата на Зенит вчера соопшти дека Денисов е казнет поради непрофесионално однесување и потсети дека се работи за еден од најплатените играчи во Русија.

Најнови вести