Корисничко име Лозинка Пријави се
03.12.2012

Валенсија го смени тренерот Пелегрино

Маурисио Пелегрино веќе не е тренер на фудбалерите на Валенсија, потврди шпанскиот клуб. До промена дојде по домашниот пораз од Реал Сосиедад (2-5) во натпреварот од 14-тото коло на Примера лигата.

Аргентинскиот 41-годишен стручњак кормилото на „лилјаците“ го презеде во мај, но не издржа долго. Поразителните резултати во Примера лигата и само 12-тото место на табелата беа причина тој да ја изгуби работата, и покрај осигурувањето на пласманот во осминафиналето во Лигата на шампионите на едно коло пред натпреварувањето по групи.
„Разменивме мислења и одлучивме да го смениме тренерот Маурисио Пелегрино“, објасни претседателот на Валенсија, Мануел Љоренте.
Привремено клупата на Валенсија ќе ја преземе Салвадор Гонзалез, кој е дел од клубот од 2008 година.
Пелегрино како играч боите на Валенсија ги бранеше меѓу 1999 и 2005 година, а ова му беше прва самостојна тренерска работа во кариерата, откако претходно занаетот го печеше како помошник во Ливерпул и Интер под Рафаел Бенитес.

Најнови вести