Корисничко име Лозинка Пријави се
17.7.2014

Алегри нов тренер на Јувентус

Поранешниот тренер на Милан, Масимилијано Алегри, потпиша двегодишен договор со Јувентус, потврди клубот од Торино.

Алегри беше без работа од јануари, кога доби отказ од Милан, а во Јувентус ќе заработува околу два милиони евра годишно.
„Многу сум возбуден што ќе бидам тренер на Јувентус и се надевам дека ќе бидам успешен. Разбирам дека некои навивачи се скептични околу моето доаѓање, но јас ќе ги разуверам со работа и резултати. Ќе се обидам да ја унапредам играта уште повеќе, иако претходниот тренер имаше многу успеси. Сакам да го внесам Јувентус меѓу најдобрите осум екипи во Лигата на шампионите“, изјави Алегри на прес конференцијата за неговата презентација.
Италијанските медиуми пренесоа дека Алегри повторно би можел да се откаже од еден од најдобрите фудбалери на Јувентус, Андреа Пирло, со кого не сакаше да го продолжи договорот додека беше во Милан, но тренерот ги отфрли тие шпекулации.
„Со Пирло немам никаков проблем, би било лудо кога би се откажал од него. Додека го водев Милан тој секогаш играше, но имаше проблеми со физичката подготовка. Тој е врвен фудбалер и неговото останување не се доведува во прашање“, заклучи Алегри.
Четириесет и шестгодишниот стручњак во досегашната кариера ги тренираше Алјанезе, Реал СПАЛ, Гросето, Сасуоло, Калјари и Милан со кого во 2011 година беше шампион на Италија.
Покрај Алегри, како кандидати за клупата на шампионот на Италија се спомнуваа Роберто Манчини, Лучано Спалети и Зинедин Зидан.

Најнови вести